spot_img

ДЕНЕС СЕ ЛЕТНИ ЗАДУШНИЦИ А УТРЕ, Духовден или Дуовден – еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница. Испочитувајте ги овие обичаи

- Advertisement -

На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Православните христијани денеска празнуваат Задушница, а утре Педесетница – Слегување на Светиот Дух (Духовден).
Празникот Задушница се одбележува во знак на сеќавање на починатите. На овој ден вообичаено се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за упокоените.
На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.

Духовден или Дуовден — еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница (грчки: πεντηκοστή, латински: pentecoste) и е еден од најсветите празници во христијанството во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение. Овој настан претставува исполнување на старозаветните месијански пророштва.

Педесетницата се нарекува уште и „крај на празниците“, ден преку кој се довршува историјата на Спасението остварено преку Исус Христос токму поради тоа што православното учење како една службите на Месијата го назначува токму крштевањето преку Светиот Дух, односно Негово излевање врз човештвото. Иако Духот делува и пред и по Педесетницата, на овој ден Тој се покажува во Својот ипостас, а сѐ со цел самата историја на Спасението да се направи совршена. На овој ден започнува икономијата на Светиот Дух, Тој е Оној Кој го собира Божјиот народ во телото Христово, односно Црквата.

На Духовден се внесувале билки во храмовите, од нив верниците плетеле венчиња кои ги носеле како заштита од демоните, но и како практична заштита од молците и другите штеточинки во своите куќи. Гробовите се прекривале со листови од орев, а некаде се кителе само крстовите.

На Духовден во Македонија не се спиело ноќе, на гробиштата луѓето седеле цела ноќ и раздавале храна за душата на покојните. Задолжително е носење на цреши во земјани садиња кои според верувањата со симболично давање на блиските преминуваат граница на оној свет и им служат на покојните во тој задгробен живот.

Во Јужна Србија се верува дека човек роден на Духовден,секоја година на таа ноќ во стаклото на шишето во кое има вино може да ги види мртвите и да комуницира со нив, но пред да го стори тоа мора да помине низ обредни елементи меѓу кои е и отиде до гробот без да се сретне со некого, да појде од домот и да стигне до гробот во глуво доба, да пости седум дена пред Духовден и др. Некаде пак се верувало дека детето родено на тој ден нема да има среќа во животот.[1]

Св. Јован Златоуст укажува дека на денот на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Синот ги принесува „даровите на помирението“ на Бога на верните, преку Неговата жртва. Помеѓу Синот и Светиот Дух се остварува не само обична размена преку која Синот во залог ја зема нашата природа која истовремено преку Воскресението ја вознесува на небото, туку ни Го праќа и прославениот Христос и Светиот Дух покажувајќи го помирувањето помеѓу нас и Бог Отецот.

Слегувањето на Светиот Дух е вистински знак на помирување, како што Неговото допирање било знак за гневот Божји. Св. апостол Јован тврди дека Светиот Дух не пребивал на земјата пред Христа, затоа што сѐ уште не можело да станува збор за помирување со Бога без Неговата жртва: „А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние, кои веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.“ (Јован 7.39) Поради тоа и самиот Спасител вели дека Неговото Вознесување е потребно за Духот да биде испратен како знак и дар на нашето помирување со Бога преку Неговата жртва: „Но Јас вистината ви ја кажувам; подобро е за вас Јас да си отидам, оти, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.“ (Јован 16.7) Според тоа, Духот сведочи дека сме преку Христос синови Божји по благодат

Обичаи во Македонија Во Скопје и Скопско домаќинките во петок пред зори месат мали благи лепчиња, кои пред да се раздени се носат на соседите и на пријателите. Тие треба да се изедат на гладно за да им се најде на тие што не се живи. Лепчињата треба да бидат меки, благи и топли како душата.

Потоа попладне се посетуваат гробовите на починатите членови од семејството каде што се носат посни раздавки. Во сабота наутро, освен продуктите за раздавање, кои се делат за да му се најде на покојникот, се носи и пченица и вино. В недела, пак, по полноќ, на гробишта се носат млади гранки од оревово дрво, со кои се поминува целото гробно место.

Порано се носеа бардачиња и каленици од глина, кои се полнеа со јагоди и цреши. Сега тие се заменети со стаклени или керамички садови кои може да држат вода, а се даваат на најдобриот пријател на покојникот. Важно е еден од продуктите што се даваат за душа на покојникот да биде домашен, односно да е замесено лепче или пита или нешто што многу го претпочитал покојникот.

Обичаите и верувањата на битолчани за време на духовденските празнувања се раздавање храна за душа на покојните, бдеење на гробовите до пред изгрејсонце и коленичење за време на црковната служба зашто веруваат дека духовите на покојните одат на причесна. Постарите битолчани раскажуваат дека подготовките за празникот почнуваат уште пред Спасовден кога се купуваат дарови за душа на покојните.

Кај луѓето во овој крај од дамнина останало верување меѓу народот дека на Спасовден излегуваат духовите, па затоа претходно се купуваат чаши, маици, крпи, шолји. Во петокот пред Духовден се опеваат покојните, а другиот ден, во саботата, на Задушница се раздаваат даровите. На гробишта се носат храна, лепче, маслинки, сирење, кашкавал, јагоди и цреши и купените предмети кои се раздаваат на блиски. 8 недела на Духовден пред да изгрее сонцето уште во темнината ги мијат гробовите на покојните со гранки од маслинки и ореви. На тој начин симболично се мијат починатите роднини. В недела се служи во црквата голема литургија, подот во храмот е послан со лисја од ореви и маслинки.

- Advertisement -
spot_imgspot_img
spot_img

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ