spot_img

Денес се слави Света Педесетница – Духовден Св. Троица

- Advertisement -

Духовден се вика и Педесетница, не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот што му дава печат на овој ден се случил токму на еврејскиот празник Педесетница. Овие два празника Пасха и Педесетница, заедно со Преполовение се единствените што имаат основа во Стариот завет.

Евреите го празнувале Пасха како ден на излегувањето на еврејскиот народ од египетското ропство, а празникот Педесетница го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги подарил законите на Мојсие во Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите.

Тој ден апостолите биле на едно место во Ерусалим, биле дванаесет на број зашто испразнетото место на Јуда Искариотски, кој по предавството на Исус се обесил, го пополниле со Матеј, кого го избрале со коцка од учениците Христови, за нивниот број пак да биде дванаесет. Околу 9 часот наутро одеднаш се слушнал силен шум од небото како дување на силен ветар, се покажал Светиот Дух, ја исполнил просторијата, а потоа во форма на пламени јазици слегол врз апостолите. Овој момент е претставен и на иконите во нашите цркви каде што се насликани на едно место сите апостоли, заедно со Богородица, а над нивните глави се гледаат пламени јазици што всушност го претставуваат Светиот Дух.

По овој настан апостолите започнале да зборуваат на разни јазици, а многубројниот народ што се собрал по силниот шум помислил дека тие луѓе зборуваат неразбирливо затоа што се пијани. Тогаш се појавил светиот апостол Петар кој на собраните луѓе им објаснил дека тие луѓе не се пијани туку се исполнети со Светиот Дух што им го испратил Господ. Потоа ги поканил да се крстат, а многумина што чувствувале товар на совеста поради настаните што му се случиле на Исус Христос, веднаш прифатиле да ја примат верата Христова. Само во тој момент се крстиле околу 3.000 луѓе.

Овој настан во Светото писмо поточно во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“ вака е опишан: „Кога се навршија дните на Педесетницата, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени и застанаа по еден над секого од нив. И се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. (…) Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ А други потсмевајќи се велеа: „Се напиле со слатко вино“.

Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци, и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимавајте на моите зборови: овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но тоа е претскажано преку пророкот Јоил: И ете во последните дни, рече Бог ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои ќе излејам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв и оган и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси.” (Дела 2/1-21)

Со ова се исполниле зборовите на Св. Јован Крстител кој подготвувајќи го народот за доаѓањето на Исус Христос, повикувајќи ги луѓето на покајание и крштевајќи ги им зборувал: „Јас ве крштевам со вода, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ (Матеј 3/11) Ако во Стариот завет Светиот Дух бил испраќан врз одбрани личности, пророци, во Новиот завет тој според пророкот Јоил требало да биде излеан врз целиот народ. „И ете по тоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот…“ (Јоил, 2/28)

Овој празник уште се вика и Света Тројца зашто на едно место се јавуваат Таткото, Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Богот-таткото се исполнило ветувањето на Богот-Син дадено пред апостолите дека ќе им го испрати Светиот Дух. Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите тие се исполниле со љубов кон Бога и со желба да го величаат. Овој чин се смета за основање на Христијанската црква.

Празникот Духовден нашиот народ го смета за голем празник. Тогаш не се работи, се оди во црква, се изведуваат некои обичаи, а во некои места попладнето се оди на оро. Во некои места се изведува и обичајот Скрсти со кој се моли за дожд и родна година.

Во народното верување овој празник најповеќе се поврзува со душите на умрените. Се верува дека од Велигден до Духовден душите на умрените се слободни. Кога ќе се рече Ристос воскресе на Велигден се отворале вратите на рајот и пеколот и душите рисјански летнувале по небото и најповеќе застанувале по цветовите на дрвјата. Се вели уште и дека на Духовден мртвите разговарале па кој сакал да ги чуе, да го ставел увото на некој гроб ќе слушнел како шепотат како пчели кога брмчат.

А бидејќи душите на мртвите се слободни во овој период и бидејќи им е мило да се покрај своите, луѓето им приредуваат гозби. Особено тоа го прават на Задушница, саботата пред Духовден. А кога ќе дојдел овој празник, како што запишал М. Цепенков, „веќе ќе и спотераат анѓелите да и носат пак на небеси, да и затворат во рајот“. И Е. Спространов запишал дека на овој ден затоа што тогаш се затвора рајот мртвите ги мамеле со ореова гранка. Што се однесува до употребата на ореови гранки на овој ден треба да се напомене дека во народните верувања уште од претхристијански времиња оревот имал привлечна сила за душите на умрените поради што се користи во обредите на овој ден. Ставањето на ореови лисја во алиштата на овој ден има и практична цел, заштита од молци.

На Духовден се раздава „за душа“. Тоа се прави и за да се задоволат мртвите зашто пред да бидат затворени треба да бидат убаво нахранети. Поради тоа човек не смее ништо да јаде додека не раздаде нешто за „задуша“. Народот верува дека на овој ден душите на мртвите се причестувале поради што луѓето раздавале за „бог да прости“ за да имаат тие со што да се причестат. Тие меѓу себе се прашувале: „Ти се причести?“ – „Не се причестив!“ А не се причестувале зашто некој од роднините јадел пред да раздаде. Во тие случаи додека другите се гоштевале на софри, овие за кои немало раздадено седеле на страна „умилн’ти“.

Во минатото христијаните на овој ден ги кителе црквите и гробовите, но и куќите со цвеќе и зелени гранки. Со обновувањето на природата во овој период од годината тие симболично гледале и обновување на својата сила што било резултат на примањето на Светиот Дух.

Интересен обред со давање курбан на Светиот Дух е забележан во селото Лески, Неврокопско. Тамо, имено, се верувало дека полето го чува еден змев кој живеел во некоја пештера во планината. На празникот изведувале многу обичаи за да му угодат на Светиот Дух но и на змевот за да го чува полето од градобијни облаци. Помнам, рекол еден старец, дека една година и ние не излеговме и не неправивме курбан, ама таа година се ни исчука градот, и уште малку беше тоа ами кога се зададе од кај врвот една самовила, искрши и од корен откорна до што имаше дрво нишанлија во синорот… За нас денеска и од Велигден е потешко!

- Advertisement -
spot_imgspot_img
spot_img

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ