spot_img

По 18 и 16 години затвор за убиството на Тот: ШОК, ТЕНЗИИ и негодување за високите казни од обвинетите

- Advertisement -

Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје денеска ги огласи за виновни обвинетите во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.

Судскиот процес го водеше судијката Елена Илиевска Јосифови. Во овој процес, Основното јавно обвинителство – Скопје ги гони обвинетите за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

Во текот на доказната постапка, обвинетите, најпрво, изјавија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинителството потоа изведе докази кои се однесуваа на обвинителниот акт. Се изведоа материјални докази помеѓу кои беа и видео-снимката од конкретниот настан, сведоштва на очевидци на настанот како и вешти лица од областа на судската медицина и психијатријата.

На обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска им беше изречена казна затвор од по 18 години, додека, на обвинетиот Андреј Костовски 16 години за сторено кривично дело „убиство“.

Додека обвинителката Тања Трајчевска бараше продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство, а Анџело коментираше, реагираше судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ со тропање на масата за да ја смири атмосферата.

„Ќе ме избркате од судница што е? Притвор продолжува“, ѝ рече Анџело на судијката која удри на масата бидејќи тој говореше пред да добие збор.
„Смири се“, му порача адвокатот, а тој му врати: „Што да се смирам?“.

Најголем шок беше евидентен кај мајката на Андреј Костовски, третообвинет, која со лелек и неверување ја слушна 16 годишната казна на нејзиниот син, за кого судијката посочи дека имало искрено каење. Таа беше во шок.

По завршување на судењето, Костовски се обрати до мајка му: „Пред господ сум чист, не сум убил никого. Совеста ми е чиста. Тоа е заради јавност, знаеме под кави околности. Не се секирај мама, се е во ред“.

Реакцијата имаше и од мајката на Клементина која доби 18 години казна затвор.
„Која е оваа правда? Што е ова“, прашуваше мајката која со реакциите продолжи и во ходникот на судот.

Дел од обвинетите, за време на паузата беа извадени од судницата поради негодување и коментирање. Но, коментари до обвинителката имаа и првите двајца обвинети.
„Ах Тања, Тања кај ќе ви оди душата?“, и се обрати Анџело и на обвинителката.

„Ова не е убиство“, и рече Клементина на обвинителката, а таа ја напушти судницата.
Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата обвинети за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски е осуден на 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска е осудена на 18 години затвор. Третообвинетиот Андреј Костовски е осуден на 16 години затвор.

Обвинителката побара обвинетите да останат во притвор. На ова реагираше Анџело, кој кажа дека никогаш не бегал.
„Во однос на тоа дека сум се дал во бегство, јас не сум се дал во бегство. Туку кога дознав дека полицијата ме бара, јас сам се пријавив и спроведов, заедно со инспекторите од потраги бев спроведен во затвор. Јас бев изгубен од целиот настан, бев под антидепресиви, но кога дознав дека полицијата ме бара сам дојдов во притвор“, рече обвинетиот Анџело Ѓоргиевски.

И Клементина се побуни за продолжување на мерката притвор.
„Исто јас сама се пријавив во станицата, кога го извршив делото имав 18 години, сега во притвор направив 19 години“, рече Клементина.

Андреј Костовски, само посочи: „Останувам на се што кажа мојот бранител“, додека претходно, адвокатот аргументираше зошто ефектот обвинетиот да не избега, може да се постигне и со поблага мерка.

Тројцата обвинети остануваат во притвор до започнување на издржвуање на казна односно до правосилност на пресудата.

- Advertisement -
spot_imgspot_img
spot_img

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ